„Кралска“ доминација во Истанбул

Реал Мадрид стави печат на пласманот во четвртфиналето од Евролигата откако вечерва неочекувано лесно и убедливо го декласираше Фенербахче на гостински терен со 67-93. „Кралевите“ ја добија првата четвртина со 11-23 и ја одржуваа двоцифрената предност до крајот на мечот, максимално користејќи го неиграњето на Весели на центарската позиција за Фенер. Козер со 20 и Дек со 19 поени ги предводеа стрелците на „кралскиот клуб“, додека Де Коло со 23 поени беше најефикасен во таборот на турскиот гигант.

ЦСКА Москва славеше над Асвел со 88-70, но и покрај конечните 88-70 мора да се истакне дека отпорот на францускиот првак беше скршен во последната четвртина. Имено, Асвел имаше „плус два“ по првите три четвртини, но ЦСКА  го финишираше мечот со 30-10, за на крајот да слави убедлив триумф. Данскиот интернационалец Ифе Лундберг беше прв стрелец на ЦСКА со 23 поени, додека 21 поен постигнаа центарот Мајкл Ерик.

Алба ја совлада Црвена Звезда со убедливи 81-58 во дуелот на две екипи без шанси за пласман во четвртфиналето . Германскиот клуб мечот го реши со извонредната втора четвртина што ја доби со 25-8, потоа рутински контролирајќи го резултатот во преостанатите дваесет минути од мечот.

Лекавичиус со 20 и Вокап со 18 поени беа најзаслужни за убедливата победа на Жалгирис над Панатинаикос од 93-78.

Се вчитува...