Криштопанс: Сите сме во шок, но …

Ракометарите на Вардар се шокирани од одлуката на Сергеј Самсоненко да обелодени дека се повлекува од клубот, и тоа на неполна седмица до клучните четвртфинални пресметки со Пик Сегед во Лигата на шампионите. Даинис Криштопанс е еден од неколкумината кои секако го договорија својот следен чекор во кариерата, потпишувајќи за ПСЖ, но летонскиот џин не крие дека сакал да си замине од Вардар под далеку подобри околности.

„Сите сме во мал шок, така би го нарекол тоа. Имаше најразлични шпекулации, но не очекувавме ваква разврска на ситуацијата. Во пракса, сега ќе можам да заминам во ПСЖ една година претходно од договореното, но чувствата се измешани бидејќи во Вардар минав прекрасни моменти во изминатите години“ – истакнува Криштопанс, кој во 2017 година дојде во таборот на „црвено-црните“ од Брест Мешков.

Според летонскиот „џин“, проблемите на Вардар можат да бидат само мотив плус пред дуелот со Пик Сегед закажан за четврток.

„Гледам дека многумина го отпишуваат Вардар, но тоа е само мотив повеќе за нас. Сега притисокот ќе биде врз Пик Сегед, бидејќи пораз од нас како клуб што се распаѓа би бил удар за унгарскиот состав. Од друга страна, ние ќе играме слободно, без притисок, а мотив повеќе ќе ни биде фактот дека за последен пат ќе играме европски натпревар пред нашите верни навивачи. Ќе сториме се за да ги израдуваме“ – порачува Криштопанс.

 

Се вчитува...