Долгогодишниот шеф на тимот на Ред Бул во Формула 1, Кристијан Хорнер беше отпуштен во јули 2025 година по период обележан со обвинувања за несоодветно однесување, внатрешни несогласувања и заминување на клучни членови на тимот. Неговото заминување се совпадна и со падот на Ред Бул во поредокот на конструкторите, а сега се откриени нови детали за висината на отпремнината што ја добил по раскинувањето на договорот.
Според финансиските извештаи на компанијата за 2025 година, на Хорнер му биле исплатени повеќе од 67 милиони фунти, односно речиси 80 милиони евра, пренесува. Станува збор за исклучително висока отпремнина, особено затоа што на Британецот во моментот на отпуштањето му преостанувале уште четири години од договорот.
Хорнер беше еден од клучните луѓе во проектот на Ред Бул уште од самиот почеток во Формула 1. За време на двете децении на чело на тимот, тој освои осум титули во конкуренција на возачи со Себастијан Фетел и Макс Верстапен, како и шест титули во конкуренција на конструктори.
Ред Бул го објави неговото отпуштање во јули 2025 година, неколку дена пред Големата награда на Велика Британија, а Лоран Мекис ја презеде функцијата шеф на тимот. Хорнер тогаш доби околу девет милиони фунти, или 10,62 милиони евра, како надомест за престанокот на неговите должности, додека конечниот договор за исплата беше постигнат до септември истата година.
На неговото заминување му претходеше внатрешна истрага што траеше 18 месеци, покрената откако една вработена го обвини за несоодветно однесување. Хорнер од самиот почеток ги негираше обвинувањата, кои беа отфрлени по истрагата, поради што тој првично ја задржа својата позиција. Сепак, подоцнежните проблеми во рамките на тимот сепак доведоа до прекин на соработката.
И покрај заминувањето од Ред Бул, 52-годишниот Британец не ја крие желбата да се врати во Формула 1.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
