Кристијано Роналдо е „златна кокошка“ за клубовите во кои настапува

Некои инвестиции нудат бенифит кој е далеку поголем од едноставната исплатливост за парите што сте ги дале. Нудат многу повеќе и многу подалеку во различни сектори. За ова најдобро може да посведочи Јувентус кој го купи Кристијано Роналдо од Реал Мадрид. Продажбата на најдобриот стрелец на клубот драстично ја почувствува и шпанскиот состав. И не станува збор за фудбалските резултати.

Приказната е сосема поинаква. Разделбата со Португалецот го чинеше Реал Мадрид многу пари. Најпластично тоа се објаснува преку примерот со големиот ривал Барселона. Каталонскиот состав првпат во историјата на овие два клуба го надмина Реал во заработувачката токму во сезоните кога Роналдо не е во Мадрид. И ако оваа година пандемијата на коронавирусот направи големи проблеми кај клубовите, потврдата за ова доаѓа од претходната сезона.

Во неа Барселона има заработувачка од 840 милиони евра наспроти 757 милиони евра на Реал Мадрид. Овде влегува приходот од билети, маркетинг, продажба на дресови и други клупски симболи и предмети. Од друга страна, во овој период Јувентус има скок на заработувачката за 65 милиони евра со што се позиционираше на 10. место на листата клубови кои најдобро заработуваат. Со други зборови, Кристијано Роналдо е многу повеќе од „само фудбалер“.

 

 

Се вчитува...