Кристијано Роналдо казнет со пет натпревари

Кристијано Роналдо заработи суспензија од пет натпревари поради инцидентот на синоќешниот дуел против Барселона, на кој португалскиот ас го турна судијата Де Бургос Бенгоечеа. Главниот арбитар му покажа втор жолт картон и го исклучи Португалецот поради обид да изглуми пенал, а Роналдо бесен на ваквата одлука го турна Бенгоечеа.

Со оглед на фактот дека реваншот се игра веќе в среда во Мадрид, Дисциплинската Комисија експресно одржи состанок на кој го казни најдобриот фудбалер на Реал со пет меча неиграње, од кои еден за црвениот картон, а дополнителните четири за физичкиот контакт со судијата. Шпанските медиуми ја оценуваат казната како „блага“ за Португалецот, со оглед на фактот дека за вакви престапи се предвидува суспензија од четири до дванаесет меча, а на Кристијано му била изречена минимална санкција. Покрај тоа, Реал Мадрид ќе плати парична казна од 1.400 евра за однесувањето на својот фудбалер, а Роналдо ќе плати 3.005 евра.

Ова значи дека Роналдо ќе го пропушти реваншот од Суперкупот на Шпанија против Барселона, но и првите четири средби од Примера дивизион, против екипите на Ла Коруња, Валенсија, Леванте и Реал Сосиедад. Камбекот на Кристијано во тимот на Реал се очекува во рамките од петтото коло, кога „кралскиот клуб“ ќе се сретне со Бетис.

Се вчитува...