МЗТ Скопје со својот втор тим успеа да стигне до титулата во Втората лига и си обезбеди учество во елитното друштво за наредната сезона. Успехот е уште поголем ако се знае дека до трофејот се стигна со огромен број на млади кошаркари, од кои повеќето беа дел од М18 генерацијата, која стигна и до титулата во својата возрасна граница. Предводник и на двете екипи е Горан Крстевски – Кичо, кој уште еднаш покажа дека знаеше како да го извлече максимумот од младите кошаркари и правилно да ги насочи на почетокот од нивните кариери.
„Секако дека сум горд на својата работа, но пред се на овие млади кошаркари кои покажаа исклучителна посветеност, напредувавме како екипа од натпревар во натпревар и на крајот остваривме огромен успех. Одговорно тврдам дека не постои друга група на волку млади кошаркари, која ќе може да се соочи со толку голем притисок. Ние во рок од дваесетина дена игравме дури 15 натпревари, со М18 тимот и со втората екипа, а токму играчите од М18 го понесоа главниот дел од товарот и во Втората лига. Затоа, од сегашна перспектива, задоволството од она што го остваривме е огромно“ – истакнува Крстевски.
Тој ги потенцира петте играчи родени 2001 и 2002 година, кои покажаа неверојатен карактер, играјќи во згуснат ритам и победувајќи кога беше најтешко.
„Носители на играта беа плејмејкерот Дарио Митевски, Виктор Исајловски како главен шутер, потоа Љубиша Димитровски роден 2002 година, крилниот центар Суад Карталовиќ и уште едно крило, Кико Орлов. Овие пет кошаркари го изнесоа речиси целиот товар во двете лиги. Во втората лига имавме помош и од поискусните, би го истакнал Борјан Стојановски како голем талент, неверојатен одбранбен играч… а на клучните натпревари имавме голема помош и од Ранко Мамузиќ, кој во текот на целата сезона работеше со првата екипа“ – ги потенцира Крстевски најзаслужните за големиот успех.
Влезот во Првата лига е обезбеден, но сега следи потешкиот дел од задачата – да се обезбеда финансиска конструкција за оваа успешна приказна да продолжи.
„Не знам зошто некому е чудно што МЗТ би имал две екипи во елитното друштво. Ова не е ништо ново, има бројни случаи во регионот, каде големите клубови имаат помали екипи каде ги развиваат своите таленти. Црвена Звезда и ФМП е само еден ваков пример, кој што е позитивен и за двата клуба, но и за самите кошаркари. Вака, младите кошаркари би можеле да се развиваат на вистински начин без притисок и би се создала база од која првиот тим на МЗТ потоа би земал готови играчи. На тој начин, тренерот на првиот тим ќе може да се насочи само на бркање резултат, а не и на создавање на млади играчи, бидејќи праксата покажала дека е невозможно двете работи да се прават истовремено“ – вели успешниот тренер.
За да се биде дел од елитното друштво ќе треба да се обезбедат финансии.
„Тоа секогаш е најтежок дел од работата, но јас сум оптимист дека ќе се направи буџет за оваа успешна приказна да продолжи. Парите за плати се многу пониски од оние на останатите екипи, но во буџетот влегуваат и сите останати трошоци со кои ќе се соочуваме во текот на сезоната. Декларативно имам поддршка од управата, се надевам дека заеднички ќе најдеме начин за МЗТ Скопје 2 да игра во Првата лига. Јас сум оптимист дека со тимот што го имам на располагање би можел да обезбедам опстанок, а во меѓувреме моите млади играчи би одиграле 30 натпревари во Првата лига, што би биле драгоцено искуство за сите нив. Убеден сум дека ова е вистиинскиот начин за развој на кошарката, а доколку се издржат неколку сезони, дури тогаш сите ќе се уверат во ова што го зборувам, па ќе бидеме пример што би можел да се следи и во помалите градови, за создавање на база на младии талентирани кошаркари“ – оптимистички е расположен амбициозниот тренер.
Крстевски со овие успеси на дело покажува дека со напорна работа може да се стигне до врвен резултат, наспроти бројните критики што со години наназад се упатуваат кон тренерите во младинските категории.
„Како и во сите професии, така и во тренерската, има луѓе кои максимално професионално се посветени и оние кои веруваат дека и со минимален ангажман може да се стигне до резултат. Такви „јутјуб-тренери“ има многу и за жал никогаш не ни размислуваат за свое усовршување. Јас сум толку години во оваа професија и никогаш не сум помислил дека знам се, туку напротив, работам на свое усовршување преку посета на најразлични семинари не само во Македонија, туку и во околните земји. Фактот дека знам дека можам да бидам уште подобар ме прави помотивиран, за жал тоа не е случај со голем број мои колеги. Сепак, сметам дека критиките кон тренерската фела не се целосно оправдани бидејќи со оваа професија се занимаваат и квалитетни стратези кои навистина ги насочуваат децата на вистински пат“.
А односот на младите играчи кон спортот исто така е еден од проблемите со кои се соочуваат тренерите.
„Ако ги споредам децата од последниот период со оние од пред дваесетина години, дефинитивно тогаш беше многу полесно за работа отколку сега. Разликата е во пристапот и желбата за работа, тогаш секое талентирано дете самото инсистираше да остане по тренинг, да работи дополнително и побрзо да напредува. Таквите примери во денешно време сега се само поединечни, што на долго рок се одразува и на нивната кошаркарска иднина. Исто така, би ја потенцирал и релацијата тренер – играч – родител, која секако мора да постои, но во последните години се поголемо е влијанието на родителите, кое најчесто е контрапродуктивно“ – потенцира за крај Крстевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА