Крунисување на Шкендија денеска против „пандевци“…Влезот бесплатен за фановите

Без апсолутно никакви проблеми, повторно доминирајќи во домашниот шампионат, Шкендија и сезонава успеа да ја одбрани шампионската титула. Со дури 16 бода предност пред второпласираниот Вардар, на едно коло пред крајот на сезоната на домашен терен во Тетово, „црвено-црните“ денеска и официјално ќе бидат крунисани како старо-нови шампиони на Македонија. Клубот одреди и популарна мерка, влезот е бесплатен за фановите, со намера Градскиот стадион во Тетово да биде комплетно исполнет.

Пресметката против Академија Пандев, тим кој имаше историска сезона за себе со веќе обезбеденото место на европската сцена, ќе биде повеќе од ревијален карактер. Но, сето тоа секако на крајот од мечот свечено „зачинето“ со официјалното добивање на пехарот за најдобрите на македонската фудбалска сцена.

„Сосема заслужено овие момци стигнаа до шампионската титула. Уште од самиот почеток на сезоната добро знаевме за нашите квалитети, градејќи ја играта и резултатите од натпревар на натпревар. Сега ни преостанува што подобро да се подготвиме за Европа“ – вели шефот на стручниот штаб на Шкендија, Ќатип Османи во очекување на дуелот со Академија Пандев кој единствено ќе биде во знакот на официјалното крунисување.

ПРВА ЛИГА – 35. КОЛО (денеска, 16:30 ч.)

Скопје: МАКЕДОНИЈА ЃП – СИЛЕКС

Тетово: ШКЕНДИЈА – АК. ПАНДЕВ

Скопје: ВАРДАР – ПОБЕДА

Струмица: БЕЛАСИЦА – РАБОТНИЧКИ

Скопје: ШКУПИ – РЕНОВА

Се вчитува...