Крузеиро првпат во историјата испадна од бразилската фудбалска елита, навивачите го прекинаа последниот меч

Со поразот од Палмеирас во последното коло (2-0) Крузеиро првпат во историјата испадна од највисокиот натпреварувачки ранг во бразилскиот фудбал. Славниот клуб од Бело Хоризонте заедно со Фламенго, Сао Паоло и со Сантос беа четирите состави кои во 62-годишната историја на целовитото бразилско првенство беа дел од елитата.

Навивачите не дозволија натпреварот да дојде до крај, тие ги корнеа столчињата и ги фрлаа кон теренот откако беше постигнат и вториот гол и беше извесно дека тимот нема да се спаси од испаѓањето. На пет минути до крајот, судијата го прекина мечот. На Крузеиро му беше потребна победа, но и поволен резултат на мечот на директниот конкурент во битката за спас.

Крузеиро сега се сели во понизок натпреварувачки ранг откако заврши на 17.место на табелата со биланс од само седум победи, 15 нерешени и 16 порази и 36 бода по 38 одиграни кола. Крузеиро инаку последен пат беше шампион на Бразил пред само пет години. Во 2014 година ја одбрани титулата освоена претходната сезона. Успех што го немаше претходно ниту една екипа.

Но, во годините што следуваа, клубот падна во тешка криза и има огромен долг од 150 милиони евра. Од привременото раководство објаснуваат дека тоа се должи на неконтролираното трошење во обидот да се дојде до шампионската титула.

 

Се вчитува...