Кулибали на пат кон Манчестер

Калиду Кулибали е пред заминување од Наполи откако претседателот Аурелио де Лаурентис дал зелено светло за заминување на клучниот дефанзивец, но само под услови што би му одговарале на клубот од Неапол. Сенегалецот долго време важеше за „недопирлив“ кога станува збор за статусот во тимот, но променливите настапи придонесоа да се смени и ставот на Де Лаурентис, кој е свесен дека сега е последна шанса добро да се заработи од продажбата на овој фудбалер.

Манчестер Сити е клубот што е најзаинтересиран за услугите на Кулибали, Пеп Гвардиола е во потрага по врвен дефанзивец, а има и богат буџет за трансфери, па се чини дека е само прашање на време кога „граѓаните“ ќе успеат да го договорат овој мегатрансфер. Преговорите се веќе почнати, првата понуда на Сити изнесува 63 милиони евра, Де Лаурентис бара 90 милиони евра, но прогнозите се дека во наредните денови ќе биде постигнат договор за отштета меѓу 75 и 80 милиони евра.

„Наполитанците“ веќе го договорија и наследникот на Кулибали, станува збор за Бразилецот Габриел, кој ќе пристигне од Лил за 30 милиони евра. Италијанските медиуми тврдат дека сите детали од овој трансфер се веќе договорени, но се чека на заминувањето на Кулибали за Габриел и официјално да пристигне во Неапол.

Се вчитува...