Куман експериментираше – Тринкао блескаше, Гризман ќе ја грее клупата

Роналд Куман го искористи денешниот дуел со Ференцварош за да му даде шанса на Тринкао да ги покаже своите квалитети, истовремено и да го казни Антоан Гризман за серијата слаби игри во дресот на Барса, но и за критиките што Гризман ги упати кон тренерот на Барселона за време на репрезентативната пауза.

Се чини дека Куман ја најде вистинската формација, Тринкао одигра извонредно по десната страна во нападот, но што е уште поважно, во целата формација Лео Меси ја доби неопходната слобода во и околу шеснаесетникот, па Аргентинецот одигра на исклучително високо ниво, нешто што е реткост за него по бунтот против Бартомеу. Меси со слобода во движењето, помогнат од позадина од Тринкао, Кутињо и Фати, тоа се чини како добитна комбинација, многу подобра формација од онаа со Аргентинецот на десната страна од нападот и индиспонираниот Гризман како најистурен напаѓач.

Пред Куман е тешка одлука, дали формацијата од Ференцварош да ја повтори и на претстојното „Ел Класико“ против Реал Мадрид, ривал што е далеку посериозен од унгарскиот првак. Доколку Холанѓанецот остане на овој став, тоа ќе значи и голема „шлаканица“ за Гризман, кој не се прослави ниту кај Валверде ниту кај Сетиен, па лесно може да се случи тој да биде продаден за потоа парите од тој трансфер да се реинвестираат во нов врвен голгетер (Лаутаро Мартинез).

Се вчитува...