„Барселона е во лоша форма заради ненормалниот распоред“

Роналд Куман е главен виновник за слабите резултати на Барселона, но тренерот на каталонскиот гигант како алиби за потпросечните игри го потенцираше ненормалниот распоред на натпревари. Според Куман, токму тоа придонело да дојде до бројни повреди во таборот на Барселона, поради што тој многу често е принуден на експерименти во стартниот тим.

Ритамот во кој настапуваме не е нормален. Играме на секои три дена, фудбалерите немаа ни вообичаени подготовки, што се одразува со чести повреди. Ова е лошо време за сите, но Барса е еден од клубовите најпогодени од повреди во цела Европа. Имаме проблем, секој натпревар создаваме по пет-шест шанси, мораме да почнеме да ги реализираме. Разговарав со фудбалерите и им кажав што мислам, нормално дека не сум среќен по едно издание како она во Кадиз“, истакна Куман.

Холандскиот стратег инсистира да му бидат доведени засилувањата што ги побара уште летово, кога ниту Мемфис Депај ниту Џини Вајналдум не пристигнаа на „Камп Ноу“. Сепак, тешко е да се верува дека Барса ќе преговара трансфери во предизборен период, а по претседателските избор на 24 јануари новиот предводник ќе има малку време за „ремонт“ во играчкиот кадар.

Многу пореално е Куман тогаш да добие отказ, особено доколку тимот продолжи со слаби игри и резултати и во наредниот период. Од утре, па се до следните 30 дена, Каталонците ќе одиграат девет натпревари, што е вистински тест и предизвик за клуб од нивен ранг. Фановите очекуваат нови титули во оваа сезона, па Меси и „компанија“ мора да соберат сили и да се соочат со проблемите предизвикани од отсуството на големиот број повредени играчи.

Се вчитува...