Куманово ја прегази Блокотехна

Кошаркарите на Куманово го одиграа својот најдобар натпревар сезонава, земајќи го скалпот на најпријатното изненадување Блокотехна, декласирајќи ги гостите од Гевгелија со преубедливи 92-79. Избраниците на Александар Петровиќ одиграа извонредно во текот на сите 40 минути, нападот функционираше бeспрекосно, а во одбраната го искористија отсуството на одличниот Американец на Блокотехна, Бенџамин, кој одлежува суспензија поради инцидент на дуелот од минатото коло со Струмица.

Само првата четвртина мина во израмнета битка, во која гостите поведоа со 20-22 со поените на Казарновски. Остатокот од мечот мина во доминација на домаќините, кои блеснаа во вториот период, добивајќи го со 30-12 и создавајќи си одлична предност. Надежите на избраниците на Марјан Илиевски за евентуален камбек исчезнаа во третата четвртина, кога повторно одбраната на Блокотехна немоќно ги следеше атаците и лесните реализации на кумановци, па во последните десет минути се влезе со резултат 79-55.

Гостите од Гевгелија предоцна покажаа знаци на живот, четвртата четвртина ја стартуваа со серија од 2-15, за помалку од пет минути преполовувајќи ја предноста на кумановци. Сепак, тоа беше се што Блокотехна успеа да стори на овој натпревар, предноста не се спушти под десет поени, па домаќините заслужено триумфираа со конечни 92-79.

Димитар Караџовски одигра извонреден натпревар со 28 поени и 8 асистенции, Караколев реализираше 23, а Јанески 18 поени за победничкиот тим, додека кај Блокотехна најефикасни беа Казарновски со 28 и Мелори со 18 поени.

Се вчитува...