Куманово не греши два пати

Кошаркарите на Куманово експресно се рехабилитираа од шокантниот пораз од Пелистер во минатото коло, па вечерва на домашен терен рутински стигнаа до планирана победа над Шкупи, изразена со конечни 117-99. Иако гостите од Скопје играа квалитетно на последните натпревари, овојпат тие немаа сили да го запрат расположениот состав на Александар Петровиќ, кој постигна за сезонава рекордни 117 поени.

Првата четвртина донесе ефикасна игра на двете страни, за потоа во вториот период кумановци конечно да ја стегнат одбраната, а со самото тоа и набрзина да стигнат до убедлива предност. Резултатот на полувреме гласеше 61-40, што му овозможи на Петровиќ да им даде шанса и на дел од резервните кошаркари, кои ја оправаа довербата на тренерот на кумановци.

Караџовски со 20 поени беше прв стрелец на победничкиот тим, три помалку имаше Мекиќ, Караколев го заврши мечот со 12 поени, а по единаесет имаа Јанески и Штерјов, за двоцифрен ефект на целокупната стартна петорка на Куманово.

Се вчитува...