Куманово стави печат на Супер-лигата

Кошаркарите на Куманово ја оправдаа фаворитската улога на гостувањето против вториот тим на МЗТ Скопје, славејќи во СЦ „Јане Сандански“ со резултат 65-79, за осигурување на шестото место и пласман во Супер-лигата. На две кола до крајот, кумановци имаат три победи повеќе во однос на Пелистер и веќе дефинитивно станаа дел од елитата што ќе разигрува за место во плејофот.

Како и на многу претходни натпревари, младите кошаркари на МЗТ Скопје 2 имаа сили за само едно квалитетно полувреме. Откако во првиот дел целосно му парираа на гостинот (33-35), младите „штркови“ потклекнаа во третата четвртина, што кумановци ја добија со 15-25, стигнувајќи до двоцифрена предност и потоа до самиот крај не дозволувајќи триумфот да биде доведен во прашање.

Мамузиќ и Исајловски постигнаа по 18 поени за МЗТ 2, додека во таборот на Куманово најефикасни беа Цветковски со 19 и Атанасов со 18 поени.

Се вчитува...