Кумановската фурија пак ја реши Блокотехна

Кошаркарите на Куманово стигнаа до голем триумф во 21. коло од Првата лига, откако на гостински терен ја совладаа екипата на Блокотехна со резултат 77-83. Домаќините посакуваа одмазда за поразот во Куманово во првиот дел од сезонава, го контролираа мечот три четвртини, но Александар Петровиќ и неговите избраници беа на висина на задачата во клучните моменти, правејќи пресврт и со 37 постигнати поени во последната чтвртина (24-37) стигнувајќи до многу значајна победа во Гевгелија.

Бобан Стајиќ го отвори мечот со пет поени во низа за водство на Куманово од 0-5, но кошаркарите на Блокотехна набрзина се вратија. Домашните играчи воспоставија контрола, најпрвин израмнија, а потоа и ја презедоа контролата над резултатот, па првата четвртина заврши со предност на Блокотехна 21-14 (Бенаџамин беше во главна улога со десет поени). Куманово одлично го почна вториот период, правејќи серија од 0-9 за неполни четири минути игра и стигнувајќи до минимална предност. Илиевски побара тајмаут, по што Блокотехна се консолидираше и повторо ја врати предноста.

При резултат 29-27 пред крајот на полувремето Караџовски доби техничка грешка, по што домаќините погодија тројка преку Мијатовиќ (негови први поени на натпреварот), па на одмор се замина со позитива на Блокотехна од 32-27. Третата четвртина мина идентично како и втората, повторно кумановци го зададоа првиот удар, набрзина поведоа со 32-24, за Боувен да ја прекине нивната серија, а потоа домашниот тим да преземе контрола, па во последните десет минути да се влезе со резултат 53-46.

Ништо ново ниту на стартот од четвртата четвртина, Ѓекиќ го отвори овој период со пет поени во серија, а Куманово на пет минути до крајот на мечот имаше предност од 60-64, по новите тројки на Ѓекиќ и на Мекиќ. За разлика од претходните три четвртини, овојпат Илиевски и неговите избраници не успеаја да се вратат,  потфрлувајќи во одбраната во клучниот момент од мечот (кумановци постигнаа 37 поени во последната четвртина) и на крајот претрпувајќи го вториот пораз од Куманово (77-83), вкупно четврти сезонава.

Младеновиќ со 15 поени и седум асистенции беше најдобар поединец кај Блокотехна, Ѓуроски постигна 14 поени, додека најзаслужни за победата на Куманово беа Ковач со 18, Караџовски со 17 и Ѓекиќ со 14 постигнати поени.

Се вчитува...