Куп-традиција: Работнички брка „десетка“, МЗТ го брка Работнички

Во пресрет на денешниот почеток од завршниот турнир од Купот на Македонија, Работнички останува најтрофеен клуб во ова натпреварување со девет куп-пехари во своите витрини. Тимот од „Градски парк“ својот деветти трофеј го освои во 2015 година во салата на лутиот ривал МЗТ Скопје, а избраниците на Марин Докузовски ќе се обидат до десеттиот пехар да дојдат викендов во „Јасмин“ во Кавадарци.

Главен ривал според прогнозите би требало да им биде шампионот МЗТ Скопје, кој лани во Кавадарци беше елиминиран во полуфиналето од Фени индустри. Аеродромци овојпат најавуваат дека се подготвени да одат до крај, се со цел да го стигнат Работнички и да го освојат деветтиот куп-трофеј во клупската историја. МЗТ доминира во ова натпреварување во последно време, триумфирајќи во четири од последните шест сезони, а избраниците на Лукајиќ се свесни дека ова е одличен момент да се сврти нов лист и да се остават зад себе бројните разочарувачки настапи во АБА-лигата.

Индивидуално гледано, најмногу трофеи во Купот на Македонија има Перо Блажевски (десет), пред Марјан Ѓуров и Огнен Стојановски со по осум. Од активните кошаркари, најтрофеен во ова натпреварување е Ѓорѓи Чековски со шест.

Се вчитува...