Купи, создади, продај: Борусија Дортмунд е машина за правење пари

Со продажбата на Кристијан Пулишиќ во Челси за сума од 64 милиони евра, Борусија Дортмунд уште еднаш покажа дека има фантастичен скаутинг, можеби и најдобар во Европа.

Пулишиќ во оваа сезона не беше стандарден во дресот на Борусија, но сепак, герамнскиот клуб успеа да заработи огромна сума на овој 20-годишен фудбалер. Тоа и не е изненадување бидејќи овој бундеслигаш во изминатава деценија стана вистинска машина за правње пари.

Во неможност да плаќа големи пари за засилувања откако едвај се спаси од банкрот, клубот од Дортмунд пред десет години се сврте кон барање на млади потенцијално големи играчи. Нив ги носат за малку пари, а подоцна ги продаваат за многу поголеми суми.

Така во 2010 година за 350.000 евра во Дортмунд дојде Јапонецот Шинџи Кагава кој подоцна му беше продаден на Манчестер јунајтед за 16 милиони евра иако, две години подоцна се врати во Борусија за половина од тој износ.

Детето од нивната школа, Марио Геце, го продадоа во Баерн за 37 милиони евра, а три години подоцна го вратија за 22 милиони.

Голема заработувачка клубот имаше и на Хумелс, Гундоган Обамејанг, но вистинска премија беше Осман Дембеле. Францускиот играч дојде за 15 милиони од Рен, а само една година подоцна Барселона го купи за 120 милиони евра плус дополнителни бонуси. Неговиот трансфер на крај би требало да изнесува  неверојатни 140 милиони евра.

Обамејанг во 2013 година дојде од Сент Етјен за 13 милиони евра, а на почетокот на 2018 година се пресели во Арсенал за 64 милиони евра. Истата сума клубот ќе ја заработи и од Пулишиќ кој заминува во Челси, а во Дортмуд, Американецот стигна бесплатно.

Шлаг на тортата ќе биде кога Борусија ќе одлучи да го продаде Џејдон Санчо. Овој неверојатно талентиран фудбалер дојде од Манчестер јунајтед за осум милиони евра, а се шпекулира дека сега неговата цена веќе е над 100 милиони евра.

Се вчитува...