Купот се врати во Аеродром, Работнички со празни раце

МЗТ Скопје заслужено слави голема победа против вечниот ривал Работнички во финалето на Купот на Македонија, со конечен резултат од 76-67. „Металци“ по една година го враќаат куп-трофејот во „Јане Сандански“, додека за Работнички ова е прв пораз воопшто сезонава. Фантастичното дерби беше неизвесно се до самиот крај, МЗТ искористи тоа што Работнички не беше со комплетен состав, но победата секако е заслужена.

„Металците“ го направија првиот потег, но искусниот плејмејкер Димитар Мираковски со две тројки се погрижи за својата екипа да стигне до прво водство, но само со минимални 9-8. МЗТ потоа го забрза темпото и со серија од 9-0 по лесни поени на Спасојевиќ забележа прва посигурна предност (17-9). Но, мотивираниот Мираковски одново ја презема работата во свои раце, па со негови пет последователни поени Работничко одново се врати во игра, додека резултатот по 10 минути гласеше 17-14 во корист на тимот од Аеродром.

Екипата од „Градски парк“ се соочуваше со проблеми при реализација кон почетокот на втората четвртина, МЗТ одигра беспрекорна одбрана, а тоа го украсија нова серија од 6-0. Сепак, македонскиот првак не искористи да забележи двоцирена предност, а на другата страна казни Костов со тројка и дополнително слободно фрлање при фаул на Стојановски, негов трет на средбата. На нешто повеќе од три минути до крајот,  по еден тајм-аут на Работнички  кошаркарите во црвени дресови направија серија од 7-1 и така се врати неизвеноста на мечот. По 20 минути резултатот гласеше 33-31 во корист на МЗТ, но „металци“ мораа да намалат со личните грешки откако по првото полувреме „собраа“ вкупно 14.

Кошаркарите на Марин Докузовски во продолжението заиграа поагресивна одбрана, па со тоа следуваше и пресврт во нивна корист по реализација на Робинсон (40-37). Стојановски со тројка врати на другата страна за изедначување, а потоа со уште една за 43-40 во корист на МЗТ. „Металци“ одново мораа да се борат без својот капитен, откако го заработи четвртиот фаул во 25. минута од средбата, а истото го снајде и Лалиќ неколку минути претходно. Се играше кош за кош се до 28. минута, но Соколов „пресече“ со негова тројка и МЗТ повторно имаше +6.

Мираковски со неговите тројки беше човекот кој го одржуваше Работнички во „живот“ во текот на цел меч, па така продолжи и во одлучувачките 10 минути. Неколку грешки при додавање на двете страни, но „подебелиот крај“ го извлече Работнички, наместо да намалат на -1, Крофорд украде топка и реализираше за 66-61 на пет минути до крајот. Проблемите на Работнички се зголемија, Николовски и Крстевски предвреме го завршија мечот откако направија по пет фаули, па тимот од „Градски парк“ десеткуван се бореше за посакуваниот трофеј. Спасојевиќ погоди клучни поени со дополнително слободно фрлање за 69-63 користејќи ја предноста под обрачите, а Соколов со тројка на една и пол минута до крај го реши победникот во големото дерби.

Македонското трио Трајковски – Стојановски – Соколов реализираше вкупно 50 поени (18 Бојан, Дамјан 15, Дарко 17) за тимот на МЗТ. Мираковски и Чековски не можеа сами да ја донесат посакуваната победа, плејмејкерот реализираше 24 поени, додека Чековски застана на 15, Костов додаде 14 поени.

Се вчитува...