Кутињо: Имајте трпение, Барса е во фаза на ремонт

Барселона игра далеку од очекуваното. Каталонскиот клуб се наоѓа во лоша серија и моментално е на деветтото место на табелата во Ла Лига со 14 освоени бодови, 12 помалку од прво пласираниот Атлетико Мадрид.

Еден од играчите од кого многу се очекува е повратникот во редовите на Барселона, Филипе Кутињо, кој по освојување на титулата во ЛШ со Баерн Минхен се врати во својот матичен клуб за новата сезона.

„Знам дека нашата форма е далеку од очекуваното. Во случајот на Барса, тука има многу тензија. Кога и да изгубиме битен натпревар, многу е тешко бидејќи атмосферата фрустрира. Се наоѓаме во процес на ремонт, и мораме да бидеме стрпливи. Сменет е тренерот, сменети се и играчите и едноставно мораме да бидеме стрпливи, а ние, играчите ќе направиме се за да профункционираме на најдобар начин. Мораме да се стремеме кон тоа да го подобриме секој детал кој не ни оди во прилог. Овој тим има ентузијазам“ – изјави Кутињо на последната пресконференција во пресрет дуелот со Јувентус.

За разлика од шпанското првенство, Барселона е без пораз во Лигата на Шампионите и се наоѓа на првата позиција во групата „Г“. Каталонскиот тим е веќе квалификуван за следната фаза на натпреварувањето, но останува да биде одигран уште дерби дуелот со Јувентус, за првата позиција на табелата. Избраниците на Куман ќе останат на првата позиција на табелата и доколку загубат на домашен терен, но не со повеќе од два гола разлика.

„Ќе биде добар натпревар. Нашата цел е првата позиција и е многу важно да победиме. Дури и кога влегуваме во натпревар по пораз, имаме голема желба да излеземе на терен и да ја покажеме нашата сила“ – додаде Бразилецот.

Се вчитува...