Ракометната репрезентација на Македонија до 18 години славеше над Фарски острови со 34-32 во натпревар за разигрување од 9. до 16. место на Европското првенство во Србија.
Селекторот на Македонија, Горан Кузманоски вели дека е горд на неговите ракометари.
„Ова беше многу тежок натпревар, против Фарските Острови, репрезентација која има одличен систем на игра и речиси до перфекција ја игра 7 на 6. Уште во првото полувреме успеавме да го неутрализираме нивниот главен играч Скипаготу. Одбраната функционираше одлично, а во нападот бевме трпеливи, дисциплинирани и точно знаевме што сакаме да одиграме.
Добро го отворивме и второто полувреме и успешно ја одржувавме предноста. Меѓутоа, по исклучувањето на Петар Николоски, нашиот главен играч во одбраната, се почувствува пад во одбраната, посебно на позициите три и четири. Во тие моменти голема одговорност презеде Марко Ѓорчевски, кој одлично ги затвори празнините и ни помогна да го приведеме мечот до посакуваниот крај.
Имавме и дополнителен пех, бидејќи Стефан Ѓоргиески доби црвен картон, а Трајче Костов настапи со повреда, односно со пукнат прст и го реализира последниот гол. Но, и покрај сите проблеми, момците покажаа карактер, борбеност и тимски дух. Затоа сметам дека сосема заслужено стигнавме до победата. „Заслужено се наоѓаме на 12. место и зад нас остануваат репрезентации како Шведска и Норвешка. Сепак, не смееме да се опуштиме. Пред нас има уште два натпревари и треба да останеме максимално фокусирани. Ако успееме да избориме пласман на деветтото место на ова Европско првенство, тоа ќе биде огромен успех за оваа репрезентација, која без сомнение има квалитет и голема иднина“, изјави Кузманоски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
