Кузманоски: Овие момци мора да добиваат поголема минутажа, сега треба да правиме стратегија за СП

Македонската кадетска ракометна репрезентација продолжува со позитивниот тренд, а селекторот Горан Кузманоски е задоволен од настапот на своите избраници и посветеноста која ја покажале во текот на подготовките и Европското првенство.

Македонија одигра осум натпревари на високо ниво, забележа пет победи, а во последниот меч триумфираше со убедливи десет гола разлика. Дополнително, нашата селекција обезбеди пласман на Светското првенство во 2027 година, како и на Европското првенство во 2028 година.

Кузманоски посебно го истакна фактот што сите ракометари пристигнале максимално подготвени и целиот шампионат го завршиле без повреди.

„Ако зборуваме за целото првенство, морам да ги пофалам сите играчи кои беа дел од оваа репрезентација. Сите дојдоа подготвени уште од првиот ден. Максимално работеа во подготвителниот период и тоа ни овозможи на самото Европско првенство да одиграме на високо ниво. Успеавме да оствариме пет победи, а последната со десет гола разлика, што воопшто не е лесно на едно Европско првенство“, изјави Кузманоски.

Според Кузманоски, следниот чекор во развојот на оваа генерација мора да биде поврзан со поголема минутажа во сениорскиот ракомет.

Голем дел од репрезентативците настапуваат во домашни клубови како Бутел, Мулти Есенс, Еурофарм Пелистер, Куманово и други суперлигаши, а селекторот смета дека токму таму младите ракометари треба да добијат вистинска можност за докажување.

„Мислам дека дојде време овие момци да добијат поголема минутажа и шанса да играат сениорски ракомет. Ако ги следиме Словенците, скандинавските земји, Данска, Шведска, Германија, ќе видиме дека нивните млади играчи многу рано почнуваат да играат сениорски ракомет“, истакна Кузманоски.

Тој смета дека македонските ракометари имаат квалитет и услови за напредок, особено затоа што веќе се професионалци и имаат договори со своите клубови.

„Нашите играчи сега се професионалци, имаат потпишано професионални договори и ќе имаат можност да играат во Суперлигата, да работат со добри тренери и да напредуваат.“

Кузманоски веќе гледа и кон следниот голем предизвик – Светското првенство во 2027 година. Според него, подготовките за Мундијалот треба да започнат веднаш, со организирање што е можно посилни контролни натпревари во текот на ЕХФ неделите.

„Од утре треба да почнеме да размислуваме и да правиме стратегија за Светското првенство. Само така можеме да направиме уште еден чекор напред и да се обидеме да влеземе меѓу првите осум репрезентации.“

Селекторот потсети и дека Македонија настапува во А-дивизијата, што според него е доказ дека македонскиот ракомет има континуитет на големите натпреварувања.

„Тоа значи дека македонскиот ракомет сè уште е тука и има континуитет. Се наоѓаме блиску до најдобрите десет репрезентации во Европа. И претходните генерации, 2004 и 2006, имаа континуитет на големите натпреварувања, а сега генерацијата 2008 го продолжува тој тренд“, заклучи Кузманоски.

Оваа генерација во изминатиот период оствари одлични резултати, меѓу кои и првото место на Светското првенство во училишен спорт, а сега со пласманот на големите европски и светски натпреварувања добива нова можност да го продолжи успешниот пат.

Се вчитува...