Кузманов: Имаме голема мотивација за Брегалница да обезбеди опстанок

Брегалница „живна“ со триумфот над Шкупи (3-0), па сега и новиот тренер Никола Кузманов и фудбалерите, но и навивачите на штипскиот прволигаш веруваат дека можно е тимот да се спаси од најлошото и да обезбеди опстанок.

„После нерешениот резултат во Прилеп против Победа, освоивме значајни три бода на домашен терен против екипата на Шкупи. Паузата за репрезентативните настапи добро ни дојде да се подготвиме за натпреварите кои следуваат, освоивме бод во Прилеп против главниот конкурент за опстанок Победа, а после тоа следуваше и убедлива победа против Шкупи на натпревар во кој одигравме како што се договоривме. Има голема мотивација во екипата, сите играчи очекуваат подобри игри и позитивни резултати и на останатите мечеви, со цел да се дојде до бараж или опстанок во лигата. Публиката како и секогаш доаѓа во голем број во Штип, не бодри и ни дава мотив да одиграме што е можно подобро“, вели тренерот Никола Кузманов.

За Брегалница сега следи уште еден многу важен натпревар, против Македонија ЃП.

„Ќе играме против Македонија ЃП исто така во Штип, сакаме да ја продолжиме победничката серија и да го задржиме добриот ритам како и во изминатите две кола. Откако сум тренер на екипата, барам од играчите максимален приод и среќен сум што тоа го добив од нив. Во стручниот стаб ни се приклучи и Димитар Маџунаров, со кој имаме соработка и претходно, сите играчи ни се добро познати и секој очекува опстанок на Брегалница и оваа сезона“, истакнува Кузманов.

Штипјани жалат за пропуштеното во досегашниот тек од сезоната, но сега фокусот е ставен на следните натпревари.

„Бодовите кои ги имаше освоено Брегалница кога дојдов на чело на екипата се тие, мора да се фокусираме на секој следен натпревар и да го надополниме загубеното од претходните натпревари“, порачува шефот на стручниот штаб на Брегалница.

Се вчитува...