ПСЖ будно ја следи ситуацијата на Роберт Левандовски во Баерн Минхен, а и самиот голгетер сериозно ја разгледува можноста за преселба во Париз во текот на летниот преоден рок. Ова е ексклузивната вест што денеска ја објави францускиот весник „Л’Екип“, повикувајќи се на извори од управата на „светците“, но и од лица блиски до Левандовски.
Полјакот продолжува да урива рекорди со Баерн Минхен, но веќе најавил дека се повеќе се интересира и за нов предизвик, откако со баварскиот гигант освои се што можеше да освои, како на клупски, така и на личен план. Интерес за Левандовски покажале неколку англиски премиерлигаши, но според „Л’Екип“ тој преферира преселба во Париз, да се обиде со ПСЖ да стигне до титулата во Лигата на Шампионите.
„Светците“ се подготвуваат за заминување на Килијан Мбапе, а нема сомнеж дека Левандовски би бил и повеќе од достојна замена за Французинот. Поради неговата возраст цената на трансферот не би изнесувала повеќе од 60 милиони евра, а ако се знае дека ПСЖ планира да заработи најмалку двојно повеќе од продажбата на Мбапе, овој мегатрансфер лесно би можел да се реализира.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА