ЛА Клиперс не се предава, и без најдобриот го освои Феникс

Феникс не ја искористи првата „меч-топка“ за обезбедување на пласман во големото НБА-финале откако „сонцата“ при водство од 3-1 против ЛА Клиперс синоќа загубија на домашен терен со резултат 102-116. Тимот на ЛА Клиперс во текот на плејофот во неколку наврати се спасуваше од незавидни ситуации, но оваа серија со Феникс дефинитивно го носи и најтешкиот предизвик за избраниците на тренерот Лу.

Згора на тоа, гостите на овој меч настапија без својот најдобар играч Каваи Ленард, но и во неговото отсуство најдоа начин да го изненадат „сонцата“, кои играат во одлична форма во текот на плејофот. Гостите од Лос Анџелес тргнаа максимално мотивирано, на самиот почеток направија серија од 20-5 и стигнаа до водство што потоа знаеја како да го контролираат во остатокот од мечот.

Во главна улога беше Пол Џорџ, кој целосно ја презеде контролата во отсуство на Ленард, доминираше на двете страни од теренот и со 41 поен и 13 скокови беше најзаслужен за големата победа. На Феникс не му помогна новото одлично издание на Букер (31 поен), додека Крис Пол го заврши натпреварот со 22 поени и осум асистенции.

Се вчитува...