ЛА Лејкерс и без најдобрите го преслуша Бруклин, историска партија на Кантер

ЛА Лејкерс ја покажа големината на колективната игра откако „езерџиите“ и без најдобрите кошаркари во тимот успеаја да го совладаат Бруклин на гостинки терен со 101-126. Актуелните шампиони и на овој меч беа без Леброн Џејмс и Ентони Дејвис, згора на тоа во тимот синоќа го немаа ниту Кузма, додека Шредер предвреме го заврши мечот, откако беше исклучен заедно со Кајри Ирвинг поради препукување во текот на третата четвртина.

„Езерџиите“ клучната работа ја завршија во одбраната, ограничувајќи го тимот на Бруклин кој во просек постигнува по 119 на само 101 постигнат поен. Дурант беше најефикасен кај Бруклин со 22 поени, Ирвинг постигна 18, додека најзаслужни за убедливата победа на ЛА Лејкерс беа Драмонд со 20 поени и 11 скокови и Шредер, кој постигна 19 поени до моментот на исклучувањето.

Портланд славеше над Детроит со 118-103, меч на кој историја испиша Енес Кантер. Турскиот центар постигна 24 поени и фати неверојатни 30 скокови под обрачите, најмногу во клупската историја на Портланд.

Јута рутински славеше над Сакраменто со 128-112, Донован Мичел блескаше на оваа средба со 42 постигнати поени.

Голден Стејт беше пресилен ривал за Хјустон, уште во првото полувреме поведувајќи со 17 поени разлика и на крајот рутински славејќи со 125-109. Кари постигна 38, а Вигинс имаше 25 поени за „воините“ во оваа рутинска победа.

Резултати НБА:

Кливленд – Торонто 115-135, Бруклин – ЛА Лејкерс 101-126, Оклахома – Филаделфија 93-117, Јута – Сакраменто 128-112, Голден Стејт – Хјустон 125-109, Феникс – Вашингтон 134-106, Портланд – Детроит 118-103.

Се вчитува...