Ла Лига ќе продолжи во јули по забрзан ритам и без навивачи

Преостанатиот дел од сезоната во шпанската фудбалска Ла Лига би можел да биде одигран во текот на јули и во август и тоа без присуство на навивачи. Ваквата најава доаѓа од сопственикот на телевизиските права за преноси од шпанското првенство. Извршниот директор на компанијата која ги поседува ТВ правата најавува јулско сценарио за комплетирање на сезоната, во спротивно, вели тој, ќе бидат загубени 700 милиони евра.

„Очекуваме првенството да продолжи во јули се разбира без присуство на навивачи. Екипите претходно ќе имаат период за подготовки. Доколку некој од играчите е позитивен кога ќе биде продолжено натпреварувањето, сезоната ќе биде прекината. Не верувам дека ќе биде тешко 11 кола да се распоредат во два месеци. Ако не биде така, ќе бидат загубени 700 милиони евра“ – вели Џауме Роурес.

Фудбалот во Шпанија која во моментов е едно од кризните жаришта на коронавирусот заедно со Италија и со САД беше запрен на 10.март. Прекинот е на неодредено време. На табелата, Барселона е лидер со два бода повеќе од Реал Мадрид.

Се вчитува...