Лани требаше да игра за Вардар, денеска потпиша за Еурофарм Пелистер

Еурофарм Пелистер од сезоната 2021/22 ќе биде посилен за хрватскиот интернационалец, Јосип Божиќ Павлетиќ. Станува збор за ракометар кој минатото лето по настапите за Загреб беше поврзуван со трансфер во Вардар, тогаш тој реши да се пресели во бундеслигашот Гепинген, за сега, една година подоцна да пристигне во мак-ракометот како член на битолските „фармацевти“. Договорот меѓу Еурофарм Пелистер и Божиќ Павлетиќ е со важност од една година, со опција за продолжување на соработката за уште една сезона.

Јосип Божиќ Павлетиќ е роден во Сплит на шести август 1994 година. Дел од познатата хрватска ракометна школа, а име градеше носејќи го дресот на Нексе Нашице. Во 2017 година премина во ППД Загреб и неколку сезони по ред освојуваше титули од шампионатот и Купот на Хрватска. Во јануари годинава се пресели во Бундеслигата и успешно настапуваше за Гепинген, клубот од кој Јосип Периќ минатото лето дојде во Битола. Неговото доаѓање во Битола е голем чекор за клубот и уште едно репрезентативно име во ростерот на Жељко Бабиќ.

Божиќ Павлетиќ е четврти хрватски интернационалец во ростерот за следната сезона на Еурофарм Пелистер по Мандалиниќ, Кушан и Мараш. Тој претставува четврто засилување за битолскиот клуб за сезоната 2021/22 по Кизиќ, Обрадовиќ и Табоада.

Се вчитува...