Ларкин: Носам „нула“ на грбот поради бројот на луѓе кои веруваа во мене

Шејн Ларкин лани имаше неверојатна сезона во која успеа да постави и рекорд по број на постигнати поени на еден евролигашки натпревар (49). Американецот со турски пасош поради повреда не игра на ланското ниво, но експлозивниот бек се уште е еден од главните адути на Анадолу Ефес во трката за титулата.

Ларкин даде интересно интервју за турските медиуми, во кое меѓу другото откри и зошто го носи бројот нула на својот дрес.

„Кога ќе ме погледнете, веднаш ви е јасно дека не изгледам како кошаркар, ниту сум највисок, ниту најбрз, ниту пак најсилен. Додека растев никој не верувааше дека ќе стигнам до првата рунда од драфтот во НБА, дека ќе го освојам АЦЦ шампионатот, дека ќе уривам рекорди во Евролигата. Затоа – решив да го носам дресот со број нула, тоа е бројката на луѓе кои веруваа дека ќе стигнам таму каде што сум денеска. Тоа е нешто што ме мотивира, кога и да одиграм лошо или почувствувам болка само ја гледам нулата и се мотивирам дека морам да се борам, да ги замолчам сите оние кои не веруваат во мене“, истакнува Ларкин.

Тој има само најголеми комплименти за работата на актуелниот тренер на Ефес, Ергин Атаман.

„Не сум видел тренер со толкава самодоверба како Атаман, тој знае како да ја пренесе и врз нас играчите. Во првата сезона беше многу напорно, инсистираше на два тренинзи дневно, тешки вежби за да ни ги всади своите методи на работа. После тоа се смири, тој се уште е шефот во тимот, но ни даде слобода во играта, ни укажа доверба на теренот. Многу е поразличен од останатите тренери во Евролигата, кои веруваат дека мораат да одлучуваат буквално за се, секојакција да тече токму онака како што тие ја замислиле“, вели Ларкин.

Се вчитува...