Лацио останува без клучен играч во продолжението од сезоната

Лацио се соочува со сериозен удар во пресрет на продолжението од калчолигашката сезона откако Сергеј Милинковиќ Савиќ се пожали на повреда за време на денешниот тренинг и веднаш беше однесен на детални лекарски прегледи. Проблем за „лацијалите“ е што станува збор за болка во коленото, што може да значи долга пауза за српскиот играч за врска токму во клучниот дел од сезоната.

Римскиот клуб се наоѓа во серија од 20 натпревари без пораз, забележа победи во последните четири средби пред прекинот поради коронавирусот, сериозно вмешувајќи се во трката за скудетото. Милинковиќ Савиќ беше меѓу најзаслужните за овие одлични резултати, постигнувајќи пет гола и седум асистенции во досегашниот дел од сезоната, па тренерот Инзаги со нетрпение ќе ги очекува вестите од лекарскиот тим за да дознае колку е сериозен проблемот со коленото на српскиот репрезентативец.

Лацио моментно заостанува само еден бод зад лидерот Јувентус, а во првото коло по паузата римскиот тим го очекува тешко гостување против Аталанта, меч закажан за 24 јуни.

Се вчитува...