Лацио во офанзива по Давид Силва

Давид Силва го одигра својот последен премиерлигашки натпревар во дресот на Манчестер Сити, но лесно може да се случи Шпанецот да продолжи да носи сино-бела опрема откако Лацио покажа сериозен интерес да го доведе во своите редови. Тренерот Симоне Инзаги е свесен дека му е неопходен играч со искуството, но пред се со победничкиот менталитет на Силва, за римскиот клуб да направи чекор напред и во новата сезона повторно да води битка за скудетото.

Фактот дека Шпанецот е достапен без никаква отштета го прави интересна опција за римскиот клуб, па претседателот Лотито веќе стапил во контакт со агентот на Давид Силва. Останува да се види дали првиот човек на „лацијалите“ ќе успее да го убеди Силва на преселба на „Олимпико“, особено ако се знае дека Лацио со години наназад не издвојува превисоки суми на плати на фудбалерите.

Силва во меѓувреме доби две интересни понуди од Обединетите Арапски Емирати, а се очекува Шпанецот својата одлука да ја обелодени до крајот на следниот месец, по завршувањето на настапот со Манчестер Сити во Лигата на Шампионите.

Се вчитува...