Лазаров: Бевме подготвени за Мароко, потребни ни се што повеќе вакви натпревари

Ракометната репрезентација на Македонија ја забележа втората победа на СП 2023 трумфирајќи против селекцијата на Мароко со убедливи 40-25. „Црвено-жолтите“ на Лазаров беа подобар противник од самиот старт и сосема заслужено стигнаа до второто место во групата во „Президент купот“.

Селекторот по натпреварот изјави дека противникот бил детално скаутиран и нашата репрезентација добро подготвена за предизвикот.

„Во текот на подготовките за овој натпревар имав прилика да ги гледам трите натпревари на Мароко и да се уверам дека се одличен тим. Затоа работевме напорно на тренинзите, и бевме концентрирани денес шеесетина минути бидејќи имаме голем респект кон Мароко. Исто сакам да им се заблагодарам и на моите ракометари кои беа одлични денес, посебно на голманот Томовски кој сосема заслужено беше избран за играч на натпреварот. Тој работеше одлично во последните неколку недели. Не очекува уште еден натпревар, за кој максимално ќе се подготвиме. Секој натпревар е важен за нас бидејќи ние сме млада репрезентација, и потребни ни се што повеќе вакви натпревари“, изјави Лазаров.

Се вчитува...