Лазаров: Подобра група ни самите не можевме да избереме

Македонските репрезентативци пристигнаа во Египет и се наоѓаат во својот хотел, во исчекување на резултатите од Covid-тестовите што им беа направени веднаш по слетувањето во Каиро.

Во таборот на „црвено-жолтите“ владее одличн атмосфера, а капитенот Кире Лазаров е особено задоволен од изгледот на групата, која ни дава за право да се надеваме на пласман во следната рунда.

„За време на вчерашниот тренинг ја добивме информацијата дека ќе одиме на ЕП на местото на Чешка. Влеговме како замена, но подготвени сме, затоа што повеќе од десет дена сме заедно, оние одиграни тестови со Чиле беа добредојдени. Се најдовме во една добра група, за која, можам да кажам дека имавме доста среќа, затоа што ако можевме да бираме каде ќе играме, сигурно ќе ја одберевме оваа група“, истакна Лазаров.

Шведска на хартија е фаворит на утрешниот натпревар, но македонскиот капитен најавува дека нашиот состав ќе се обиде да ги искористи проблемите со отсутвата на скандинавската селекција.

„Прв ривал е Шведска, која пристигна десеткувана, без најмалку осум првотимци. Индиректно ни се дава шанса да бидеме повеќе конкурентни, па дури и да изненадиме. Среќен сум што играме на ова СП, затоа што може да видиме до каде сме и во каква ситуација индивидуално и колективно е македонскиот ракомет, па потоа ќе може да се направи детална анализа, што и како понатаму“, вели Кире Лазаров.

Се вчитува...