Лазаров: Секој натпревар сега ни е важен за искуство и самодоверба на помладите, не чека напорна работа!

Македонскиот селектор Кирил Лазаров анализирајќи го вчерашниот пораз од Тунис во вториот натпревар од групата во Президент купот на СП 2023 во Плоцк, вели дека противникот сосема заслужено стигнал до победата пред се искористувајќи го искуството на свои пооделни ракометари.

За Македонија, пак, секој натпревар до крај на Мундијалот ќе биде можност за секој од помладите ракометари за стекнување со поголемо искуство и самодовербата во играта.

„Тунис ја заслужи победата, беа подобри токму во оние елементи од играта кои се покажуваат дека, пак, нас ни недостасуваат. Ние имавме можност за подобар резултат, имавме предност од еден гол а потоа и две можности за поголема предност, но очигледно не сме доволни во таквите моменти кога треба да се прекрши резултатот. Тунис имаше поквалитетни играчи, менталитет и заслужено дојде до победата. Мора да кажам дека загубивме од навистина квалитетна селекција која, исто како и нас, не заслужува да игра во Президент купот, но тоа е ракометот“ – истакна Лазаров по поразот од Тунижаните.

„И пред почетокот на Президент купот кажав дека ова ќе биде можност за помладите ракометари, дека шанса ќе дадеме на помладите за да стекнат што е можно поголемо искуство и самодоверба за во иднина. Токму тоа ќе биде нашата мисија тука, искуство за помладите. Не чека многу напорна работа при оваа смена на генерациите. Се виде колку ни недостасуваат искусните, но во исто време силно веруваме во оваа младата генерација која во иднина треба да го покажува својот вистински квалитет“.

Се вчитува...