Лазаров: Вардар му е потребен на македонскиот народ

Кире Лазаров со голем успех настапува во дресот на Нант, но истовремено ги следи и случувањата на домашната ракометна сцена. Во интервју за хрватскиот весник „24 Сата“ македонскиот капитен говореше за целокупната кариера, влијанието што тимот на Загреб го имаше врз него, а Лазаров се осврна и на случувањата во таборот на Вардар.

„Вардар направи многу работи, многу повеќе од она што се очекуваше. Најголемите заслуги одат кај Самсоненко, кој беше многу упорен. Ако се вмеша политика, ќе биде лошо, но Вардар е институција и се надевам дека се ќе биде во ред. Овој клуб му е потребен на македонскиот народ, на македонскиот спорт“, истакнува Лазаров.

Тој се осврна и на соработката што ја имаше со Лино Червар, поранешниот македонски селектор со кого десниот бек имаше беспрекорна соработка.

„Лино ми беше и прв учител во интернационалната кариера. Многу го почитувам и како човек и како стручњак,со години имаме добра природна соработка. Од него секогаш може нешто да се научи, многу се израдував кога стигна до сребро на последното првенство. Тој секогаш бара многу, не може секој да го следи, но ако си паметен ќе увидиш дека е добро да го имаше крај себе, да го истрпиш ако треба. Тој ги цени чесните, вредните и храбрите, тоа ни е заедничка особина“, вели македонскиот капитен.

Тој не размислува да ја заврши репрезентативната кариера, потенцирајќи дека е тука се додека се смета дека може да му помогне на националниот тим.

„Не минавме добро резултатски на ЕП 2020, но ја подмладивме репрезентацијата. Можеби требаше тоа и порано да го направиме, но се учи од секоја грешка. Репрезентацијата многу те троши на физички план ако си во сериозни години како јас, но спортот е најголем амбасадор и треба да се води грижа за него, особено за репрезентацијата. Хрватска е пример како се сака и се почитува националниот дрес, треба да учиме од вас. Јас дадов ветување дека ќе им бидам од помош на помладите се додека сум потребен на Македонија. Не ми е тешко, кога ќе ги видиш нашите навивачи насекаде по Европа веднаш проработува адреналинот во кртва“, изјавува Кире Лазаров.

Тој откри и дека по завршувањето на играчката кариера планира да стане тренер, запишувајќи се за Мастер-лиценца.

„Имам валиден договор со Нант за уште една година. Сега ја подготвувам дипломската работа, се запишав и за „Мaster Coach” лиценца. Иднината ми е врзана за спортот, за ракометот, тоа е она што најдобро го знам. Да поставам високи амбиции и да продолжам напред“, порачува најдобриот македонски ракометар.

Се вчитува...