Леброн Џејмс се врати, но беше трагичар на ЛА Лејкерс

Леброн Џејмс по пауза од повеќе од еден месец конечно се врати на терените, но ЛА Лејкерс неочекувано загуби на домашен терен од Сакраменто со 106-110 на камбекот на својата најголема „ѕвезда“ во тимот. Токму Леброн е трагичарот на овој пораз, откако „кралот“ не успеа да погоди тројка на 2,7 секунди до крајот, при резултат 106-108 со која можеше да им ја донесе победата на актуелните шампиони. Леброн одигра 32 минути и постигна 16 поени, а најефикасен во редовите на „езерџиите“ беше Дејвис со 22 поени.

Пресудна беше одличната последна четвртина на Сакраменто што гостинскиот тим ја доби со 18-32 и направи целосен пресврт против шампионот. Успехот е уште поголем ако се знае дека Сакраменто настапи без двајца клучни играчи, Фокс и Барнс, во чие отсуство блесна Халибартон, реализирајќи дабл-дабл од 23 поени и 10 асистенции.

Феникс ја декласираше Јута со 121-100, по што овие два тима сега се на делба на првото место во Западната конференција со идентичен скор од 45 победи и 18 порази. Девон Букер од Феникс беше најдобар стрелец на мечот со 31 постигнат поен, додека Бојан Богдановиќ со 22 поени беше најефикасен кај Јута.

Лилард со 32 поени го предводеше Портланд до триумф на тешкото гостување во Бруклин (109-128). Кај Бруклин повторно недостигаа Дурант и Харден, а Ирвинг (28 поени) немаше доволна помош од соиграчите за да биде совладан незгодниот ривал.

 

Резултати НБА: 

Филаделфија – Атланта 126-104, Бостон – Сан Антонио 143-140 (по прод.), Кливленд – Вашингтон 93-122, Бруклин – Портланд 109-128, Мемфис – Орландо 92-75, Чикаго – Милвоки 98-108, Феникс – Јута 121-100, ЛА Лејкерс – Сакраменто 106-110.

Се вчитува...