Леброн Џејмс за првпат јавно проговори дека размислува за заминување од ЛА Лејкерс по новата катастрофална сезона што „езерџиите“ ја имаат во НБА-лигата.
Трофејниот клуб минатата сезона не успеа да се пласира во плејофот, а кошмарните изданија продолжија и во новиот шампионат, каде лејкерси моментно се наоѓаат на катастрофалното 13. место од 15 екипи во Западната конференција, со 14 победи и дури 21 пораз. Леброн на денот на својот 38. роденден има неверојатен просек од 27,8 поени, 8,1 скокови и 6,6 асистенции по натпревар, што е недоволно да се разбуди заспаниот тим од Лос Анџелес.
„Искрено, размислувам за тоа како не сакам да ја завршам кариерата играјќи на ова ниво, гледајќи од аспект на екипата за која играм. Не сакам уште долго да играм за неамбициозна екипа, сакам да се борам за титула, знам дека што можам да и донесам на екипа што е правилно изградена за да се бори за висок пласман“, изјави Леброн Џејмс.
Големиот ас има договор со ЛА Лејкерс до 2024 година, но лесно може да се случи самиот да побара трејд на крајот од сезонава доколку ситуацијата драстично не се подобри.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА