Легендите се собраа во чест на Лечиќ: Сите ја знаеме големината на Лазо!

Осумдесеттиот роденден на Лазар Лечиќ е уникатен повод во Скопје за собир на дел од кошаркарската елита од поранешна Југославија. Свечената академија која ќе се одржи по тој повод денеска од 13 часот во хотелот „Александар Палас“ е во организација на Македонскиот олимписки комитет, Македонската кошаркарска федерација, кошаркарските клубови Работнички и МЗТ Скопје Аеродром како и Агенцијата за млади и спорт. Претходно, на прес-конференција дел од големите легенди на екс-ју кошаркарата пред домашните медиуми се сетија на заедничките моменти со Лечиќ.

„Што да се каже за Лечиќ – доволно зборува фактот дека ете не дојдоа само тие кои не се живи, тоа е доказ за неговата величина. Јас многу научив кошарка од него, бидејќи тој успеваше со релативно послаби екипи, од тие момци да го извлече максимумот и да игра тимска, богата кошарка“ – изјави прославениот стратег Божидар Маљковиќ, сега претседател на Олимпискиот Комитет на Србија.

Мирко Новосел дополни дека пријателството со Лазо трае повеќе од 45 години…

„Мене во најдобро сеќавање ми остана 1974 година, Балканското првенство во Солун, пред кое имавме кратки подготовки во Скопје, а Лечиќ беше мој помошник со стручниот штаб. Тоа наше пријателство почна тогаш и се уште трае“ – дополни Мирко Новосел.

„Лазо Лечиќ два пати беше тренер на Олимпија. Тој е феномен, сакаше до 2 часот наутро да седи и да зборува за кошарка“ – истакна Иво Данеу.

„Што да кажам за Лазо Лечиќ, фактот дека сите овие легенди дојдоа денеска да му искажат почит, тоа најдобро говори за неговата големина“ – порача и македонската кошаркарска легенда, Благоја Георгиевски Буштур.

Гости на настанот на кој ќе се одбележи 80-роденден на Лазар Лечиќ ќе бидат и Иво Данеу, Никола Плеќаш, Ратко Тврдиќ, Дамир Шолман, Немања Ѓуриќ, Драган Кичановиќ, Жељко Јерков, Дино Раѓа, Слободан Суботиќ, Блаж Котарац, Жарко Зечевиќ, Ратко Радовановиќ, Драган Ивковиќ, Момо Пазмањ, Бата Радовиќ, Драган Радосављевиќ, Благоја Георгиевски, Среќко Јариќ, Мирољуб Дамјановиќ, Марко Гвардијанчиќ и Бранко Ковачевиќ како и тренерите Мирко Новосел, Душан Ивковиќ, Божидар Маљковиќ, Братислав Ѓорѓевиќ, Богдан Тањевиќ.

Се вчитува...