Лејкерси почнаа „кастинг“ за нова „ѕвезда“ – три опции се во игра

Кратко траеше прославата на шампионската титула во ЛА Лејкерс, па погледите на „езерџиите“ веќе се насочуваат кон следната сезона и потезите што треба да се повлечат на пазарот за овој тим повторно да се бори за шампионскиот трофеј. Голем дел од работата е завршен со одлуката Ентони Дејвис да остане во клубот, а токму центарот на лејкерси заедно со Леброн Џејмс биле на состанок со сопственичката Џини Бас, дискутирајќи за новите засилувања што треба да се донесат во тимот.

Тројцата биле на став дека ќе биде неопходно да се ангажира уште една „ѕвезда“ во тимот, а „кастингот“ е стартуван со тројца главни кандидати: Крис Пол, Бредли Бил и Малколм Брогдон.

Крис Пол засега важи за фаворит во оваа трка, пред се поради фактот дека плејмејкерот е одличен пријател со Леброн, воедно дели и ист агент со „кралот“, што може да ги олесни преговорите. Пол имаше одлична сезона во Оклахома Сити (просек од 17 поени и 6,7 асистенции по натпревар), но не крие дека би сакал да се врати во Ел-Еј, каде мина неколку години настапувајќи за Клиперси.

Бредли Бил е сериозна опција поради неговите офанзивни квалитети, станува збор за играч што постигнуваше по 30,5 поени по натпревар сезонава, но кој поради повреда не настапи во „балонот“ во Орландо.

Брогдон важи за еден од најпотценетите кошаркари во лигата, избран во втората рунда од драфтот на крајот заврши како „дебитант на сезоната“. По одличните партии во Милвоки не го доби посакуваниот договор од Бакси, па се пресели во Индијана, каде во просек бележеше по 16,5 поени, 7,1 асистенција и пет поени по натпревар.

Тројцата асови се извонредни кошаркари и нема сомнеж дека без разлика кој од нив тројца ќе дојде во Ел-Еј, заедно со Леброн и со Дејвис ќе формира пеколно трио за атак на нов шампионски прстен.

Се вчитува...