Леонардо: Милинковиќ – Савиќ е невозможен сон за Милан

Милан заврши одлична работа со ангажманот на Гонзало Игуаин, по што се појавија и оптимистички најави дека „росонерите“ во овој преоден рок би можеле да го доведат Сергеј Милинковиќ – Савиќ, српскиот ас проценет на над 100 милиони евра од страна на раководството на Лацио.

Џенаро Гатузо побара нов играч за врска за докомплетирање на играчкиот кадар, Милинковиќ – Савиќ делува како идеална опција, но техничкиот директор Леонардо ги разочара навивачите со пораката дека клубот нема никакви шанси да го доведе овој играч на „Сан Сиро“.

„Бараме играч за врска, но тоа нема да биде фудбалер од највисока класа. Поради непочитување на финансискиот ферплеј за малку ќе останевме без Европа, затоа овојпат максимално ќе ги почитуваме правилата. Со трансферот на Игуаин веќе ја надминавме границата на трошоци во однос на приходи, ќе мораме да продадеме некој играч за да го израмниме билансот. Јас имам високо мислење за Сергеј, но за жал тој е невозможен сон за нас за овој преоден рок“ – истакна Леонардо.

Воедно, тој ги демантираше гласините дека Милан ќе испрати понуда и за Рабио од ПСЖ, потврдувајќи дека заминувањето на Калиниќ во Атлетико Мадрид е многу близу до реализација.

Се вчитува...