Лестер Бо Мекејлеб меѓу десетте најдобрите натурализирани кошаркари во историјата на Евробаскетот

Прашањето за натурализација на играчи носи големи полемики во светот на кошарката. Многумина велат дека овој „тренд“ треба да престане, но се повеќе репрезетнации се потпипраат на странски кошаркари на дефицитарните позиции. Таков е случајот за престојниот Евробаскет со Шпанија и Лорензо Браун, Словенија со Мајк Тоби, Хрватска со Џејлен Смит…

Улогата која ја имаат натурализираните кошаркари често е и клучна за успехот на репрезентацијата. Македонија со Лестер Бо Мекејлеб стигна до четвртото место на Евробаскетот 2011 година во Литванија, а Словенија со Ентони Рендолф до златниот медал во 2017 година.

Токму овие два кошаркари се најдоа и меѓу десетте најдобри натурализирани кошаркари во историјата на Евробаскетот во изборот на литванскиот специјализира сајт за кошарка „Баскетњуз“. Покрај Македонецот и Словенецот тука се и: Полјакот Еј-Џеј Слотер, Германецот Крис Каман, Шпанците Серж Ибака, Никола Миротиќ, Чичо Сибилио и Вејн Брабендер, Италијанецот Грегор Фучка и Русинот Џеј-Ар Холден.

Говорејќи за Македонецот кој со просек од 21.4 поен, 3.1 скок и 3.7 асистенции ја предводеше Македонија до најголемиот кошаркарски успех во историјата и свое место меѓу најдобрата петорка на првенството рамо до рамо со Кириленко, Паркер, Гасол и Наваро, Литванците во неодамнешниот подкаст имаат само пофални зборови и покрај горкиот вкус од Каунас.

„Играв во Србија претходната година и добив повик од Македонците. Ме прашаа да играм за нив. Не прашав ништо за местото, само реков „да“ и следниот ден седнав во авион за Скопје“, изјави Мекејлеб за „Њујорк Тајмс“ по Евробаскетот.

Лестер Бо Мекејлeвски засекогаш ќе има посебно место во историјата на македонската кошарка, но и во срцата на сите Македонци. Тој е пример како треба да се носи репрезентативниот дрес, не само за станците туку и за Македонците.

Се вчитува...