„Летечките“ Словенци пресилни за Катар

Словенија неочекувано лесно стигна до полуфинален билет на мундијалот во Франција откако вечерва во Монпелје избраниците на Веселин Вујовиќ го совладаа Катар со резултат 32-30. Конечниот исход не е реална слика за случувањта на теренот, со оглед на апсолутната доминација на Словенците, кои водеа од почеток до крај, кога Катар успеа само да се приближи резултатски, но не и да приреди чудесен камбек. Светските вицешампиони во осминафиналето ја шокираа Германија, но немаа сили за нов подвиг, вечерва беа целосно надиграни од страна на избраниците на Веселин Вујовиќ, кои делуваа полетно по теренот, ја наполнија до врв мрежата на Даниел Шариќ и заслужено се најдоа меѓу најдобрите четири селекции во светот.

Самиот почеток најави лесна победа за Словенците, кои делуваа далеку посигурно во нападот. Доленец не само што реализираше, туку и ги разигра останатите, Зарабец извонредно ги организираше контрите и полуконтрите, кои најчесто ги завршуваше Маргуч, постигнувајќи шест гола од исто толку обиди во првото полувреме. На одмор се замина со водство на Словенија од 18-15, и тоа со мини-серија на Катар во финишот од полувремето, но тоа беше се што избраниците на Ривера успеаја да сторат на овој натпревар. Словенечките ракометари „летаа“ по теренот и во преостанатите 30 минути, Катарците не успеаја да ги неутрализираат, а свој ден немае ниту Шариќ, кој беше херој против Германија, а вечерашниот дуел го заврши со само четири успешни интервенции, две од нив во последните две минути. На единаесет минути до крајот Словенија имаше 31-24, но потоа дојде до опуштање, по што Катар влезе во ритам и се приближи резултатски, на една минута до крајот стигна и до 32-30, но сепак тоа се покажа презадоцнето за да се промени конечниот исход на ова четвртфинале, кое заврши токму со тој резултат.

Маргуч со шест и Доленец со пет гола беа најефикасни кај победничката репрезентација, додека Руан постигна осум погодоци за Катар, три повеќе од Капоте.

Следен ривал на Словенија на овој мундијал ќе биде Франција, актуелниот бранител на трофејот од кого избраниците на Вујовиќ претрпеа два порази во подготовките за Светското првенство.

Се вчитува...