Левандовски: Бев луд по Роберто Баџо

Роберт Левандовски, најдобриот фудбалер на светот во 2020 година, истакна дека негов прв идол во детството бил Роберто Баџо. Одличниот напаѓач на Баерн Минхен уживал да го гледа „малиот буда“ и научил многу за фудбалот и дриблинзите токму од италијанскиот генијалец.

Полскиот репрезентативец изјави дека заради Роберто Баџо ја засакал топката, па одлучил фудбалот да биде неговата главна професија во животот.

„Сакав да го гледам како дете. Бев луд по него. Техниката, дриблинзите и головите во негово дело беа неверојатни. По него дојде Дел Пјеро, кој на некој начин беше најмногу сличен на Баџо“, рече Полјакот.

Левандовски одговори и дали планира да дојде во Италија во некој период од неговата кариера.

„Многу добро ги познавам италијанските екипи од Лигата на шампионите. Сите тие се големи клубови. Сепак, имам договор со Баерн. Јас сум презадоволен во Минхен и имам намера да останам таму уште долго“, заклучи Роберт.

Неодамна „Баварците“ ја обезбедија деветтата врзана титула во Бундеслигата. Остануваат уште две кола до крајот на германското првенство, а Полјакот досега постигна 39 погодоци. Неговата цел е да го надмине рекордот на легендарниот Герд Милер, кој ја погоди мрежата на противникот 40 пати во сезоната 1971/72.

Се вчитува...