Ливерпул го комплетираше и третиот трансфер, Клоп заврши со „шопингот“ за ова лето

Калвин Рамзи е третото засилување на Ливерпул во летниот преоден рок откако шкотскиот дефанзивец го комплетираше трансферот од Абердин. „Црвените“ ќе платат почетни четири милиони фунти за младиот десен бек, со можност овој трансфер да порасне до максимални 6,5 милиони фунти.

Рамзи беше желба на уште неколку англиски премиерлигаши, но Клоп успеа да го убеди на преселба на „Енфилд“ иако е јасно дека ќе мора да му биде резерва на Трент Александер Арнолд.

„Тој е момче со неверојатен потенцијал. Ќе биде со нас и верувам дека ќе продолжи да се развива“, изјави Клоп по комплетирањето на трансферот.

Се очекува шкотскиот интернационалец да ги мине подготовките за новата сезона со првиот тим на Ливерпул, но не се исклучува можноста потоа тој да замине на позајмица во клуб каде би имал поголема минутажа.

Претходно, „црвените“ ги договорија и трансферите на Карвалјо од Фулам и на Дарвин Нуњез од Бенфика, со што според последните информации Јирген Клоп го заврши „шопингот“ за летниот преоден рок. Приоритет за Ливерпул до крајот на овој преоден рок ќе биде потпишувањето на нови договори со Жота, Гомез, Салах и со Наби Кеита.

Се вчитува...