Ливерпул ја подготвува првата понуда за Баркола од 115 милиони евра

Ливерпул го направи првиот конкретен чекор во обидот да го доведе Бредли Баркола од Пари Сен Жермен. Според францускиот весник „Екип“, клубот од „Енфилд“ испратил официјална понуда вредна 115 милиони евра за францускиот репрезентативец.

Засега не е познато како е структурирана понудата, односно колкав дел е фиксна сума, а колкав е предвиден преку бонуси. Сепак, се очекува ПСЖ да ја одбие оваа прва понуда, бидејќи францускиот шампион за 23-годишниот крилен напаѓач бара најмалку 150 милиони евра, без вклучени бонуси.

И покрај разликата во проценките, медиумите во Франција наведуваат дека и двете страни веруваат дека на крајот ќе биде постигнат договор. Ливерпул го вреднува Баркола на околу 120 милиони евра и е подготвен да ги продолжи преговорите.

Баркола е приоритетна трансфер цел на „црвените“, кои во него гледаат идеален наследник на Мохамед Салах. Дополнителен оптимизам за англискиот клуб носи фактот што самиот фудбалер сака да ја продолжи кариерата на „Енфилд“, а според дел од медиумите, веќе постигнал договор за личните услови.

Францускиот репрезентативец нема намера да потпише нов договор со ПСЖ, иако актуелниот му истекува дури во јуни 2028 година, што дополнително го зголемува притисокот врз парискиот клуб во текот на преговорите.

Според „Екип“, претседателот на ПСЖ, Насер Ал-Келаифи, веќе е во директна комуникација со челниците на Ливерпул, а добрите односи меѓу двата клуба би можеле да помогнат трансферот да биде реализиран во наредниот период.

Се вчитува...