Ливерпул остана без Алисон пред клучниот меч во сезоната

Ливерпул се наоѓа во резултатска криза, а згора на тоа Јирген Клоп остана без услугите на првиот голман Алисон Бекер непосредно пред решавачкиот меч од Лигата на шампионите, реваншот што в среда „црвените“ ќе го играат против Атлетико Мадрид. Клоп на денешната прес-конференција пред дуелот со Бурнемаут обелодени дека Бразилецот нема да брани на утрешниот меч на „Енфилд“, но и дека повредата не е наивна.

„Алисон се жалеше на повреда пред мечот со Челси, па не настапи. Беше на прегледи, каде беше утврдено дека проблемот не е наивен. Не е ниту премногу сериозно, но тој во секој случај нема да брани со Бурнемаут, ниту пак ќе може да се врати следната седмица. Потоа ќе имаме повеќе информации околу терминот за камбек“, објави стратегот на Ливерпул.

Бекер поради повреда ги пропушти првите два месеци од сезоната, при што како солидна замена за него се покажа Адријан. Шпанскиот ветеран повторно ќе има шанса да застане на голот, во обид да се извади за големиот „кикс“ при поразот од Челси и елиминацијата од ФА Купот на Англија.

Се вчитува...