Ливерпул со еден, Челси со два пенали до победа

Фаворитите во новото коло од Премиер-лигата продолжуваат со пенал-победи, откако Ливерпул и Челси го презедоа „рецептот“ на Манчестер Сити и стигнаа до минимален триумф со погодоци постигнати од белата точка.

Ливерпул славеше над Астон Вила со 1-0 со погодокот што од пенал го постигна Мохамед Салах, откако египетскиот ас беше соборен од Мингс во противничкиот шеснаесетник. Со тоа, „фараонот“ го расипа камбекот на Стивен Џерард на „Енфилд“ на кој поранешниот капитен на Ливерпул како тренер на Астон Вила се врати на својот омилен стадион.

Челси во драматичен натпревар го совлада Лидс со 3-2, во дуел на кој за „сините“ беа досудени два пенали што Жоргињо ги претвори во  голови, оној вториот во 90. минута на „Стемфорд бриџ“. Интересно е што двата прекршоци беа досудени за стартови врз дефанзивецот Рудигер, кој беше меѓу најзаслужните за овие значајни три бода за актуелниот европски шампион.

Најлесно од сите до три бода денеска дојде Арсенал, кој рутински славеше со 3-0 над Саутемптон. Лаказет и Одегард уште во првото полувреме ги разрешија дилемите околу победникот, а печат на триумфот во вториот дел стави дефанзивецот Габриел.

Се вчитува...