Лош ден за селекторот на Англија: Герет Саутгејт го повреди рамото

Англија во последен момент успеа да стигне до победа против Тунис (2-1) на стартот на Мундијалот во Русија, но само два дена подоцна дојдоа неволјите за селекторот Герет Саутгејт. Тој заработи повреда на рамото откако се лизна трчајќи на тренинг во руската база Репино. Саутгејт беше веднаш згрижен од лекарскиот тим на Англија, а потоа и пренесен во локалната болница за понатамошен третман.  По ова, се врати во хотелот со имобилизирано рамо и одржа состанок со фудбалерите. Селекцијата на гордиот Албион се подготвува за дуелот со Панама, кој е на програмата на 24 јуни.

„Нема да можам бурно да ги славам головите одреден период. Докторите ми препорачаа дека нема да биде добро ако ја кревам раката во воздух. Имаме одлична поддршка од лекарскиот тим и благодарен сум што и мене брзо ме згрижија. Жал ми е што го попречив нормалното одвивање на дневната рутина“, изјави Герет Саутгејт по незгодата.

Од фудбалерите, на повреда во таборот на Англија се жали Деле Али и неизвесно е дали ќе биде подготвен за мечот со Панама.

Се вчитува...