Лоша вест за македонските клубови: Само шампионот на АБА2 влегува во АБА1 лигата

Шансите Македонија повторно да добие свој претставник во елитното друштво на АБА-лигата значително се намалија по најновите промени во пропозициите, според кои во иднина само шампионот на АБА2 лигата ќе се пресели во првиот ранг на натпреварување.

На денешниот „Зум состанок“ беше донесена одлука за промена на видот на компанијата што раководи со АБА-лигата, па со новиот Статут се очекува да бидат избегнати правните пречки за вклучување на тимот од Дубаи во следната сезона да биде дел од АБА1. Тоа се очекува да биде верификувано на Собранието што е планирано за 12 март.

Со промената на пропозициите, од АБА1 ќе испадне последниот тим на табелата, а на негово место ќе влезе шампионот на АБА2. Тоа значи укинување на баражот меѓу второпласираниот во АБА2 и претпоследниот состав во АБА1. Исто така, одлучено е да се избрише правилото за број на екипи дозволени од една земја.

Само за потсетување, МЗТ Скопје пред две сезони се пласираше во елитното друштво како второпласиран тим во АБА2, добивајќи директен  пласман бидејќи  шампион на турнирот во Скопје беше Златибор, а не беше дозволено Србија да има шест претставници во АБА1, од што профитираше македонскиот првак.

„Металците“ експресно испаднаа од елитата, па сезонава се еден од трите македонски претставници во АБА2, заедно со Пелистер и со ТФТ.

Се вчитува...