ЛШ: Аталанта ја декласира Валенсија, Лајпциг го освои Лондон

Аталанта е на чекор до нов историски успех и пласман во четвртфиналето на Лигата на шампионите откако ја совлада Валенсија на „Сан Сиро“ со убедливи 4-1. Лајпциг славеше на гости против Тотенхем со 0-1 и е поблиску до пласман меѓу осумте најдобри екипи во ЛШ.

Италијанскиот тим во дебитанската сезона во елитното европско натпреварување бележи неверојатни резултати. Аталанта со фуриозна игра оствари голем триумф над Валенсија која се мачи со повреди на фудбалерите. Хатебор донесе водство за Аталанта во 16. минута, а Иличиќ во 42.минута зголеми на 2-0. Домашниот тим не застана и по одморот. Фројлер го постигна третиот гол, а Хатебор со својот втор погодок донесе и фантастични 4-0. Мала надеж за Валенсија пред реваншот на „Месталја“ сепак дава голот на Денис Черишев во 66.минута.

Лајпциг со германска дисциплина и голема упорност успеа да го совлада Тотенхем во Лондон со 0-1. Жозе Мурињо не може да смета на повредените Кејн и Сон, се обиде со Лукаш Моура како најистурен во нападот, но Тотенхем не ја затресе мрежата на Лајпциг кој на голот го имаше расположениот голман Гулаши.

На спротивната страна, Тимо Вернер стрелаше од пенал во 58.минута и донесе предност за германскиот тим пред реваншот на 10 март. Младиот тренер на Лајпциг, Џулијан Нагелсман, со 32 години и 211 дена стигна до првиот триумф во нокаут фазата од елитното натпреварување.

Се вчитува...