ЛШ остана пуста желба: Лигата на Европа – утеха за Николов и за Адеми

Двајцата македонски репрезентативци, Аријан Адеми и Бобан Николов, не успеаја да обезбедат пласман во групната фаза од Лигата на шампионите откако вечерва паднаа на последните пречку во нокаут-фазата од квалификациите за елитното европско натпреварување.

Адеми има за што да жали, бидејќи по активните 1-1 од Швајцарија, тимот на Динамо Загреб по првото полувреме имаше и водство од 1-0 на преполниот „Максимир“. Сепак, Јанг бојс за само три минути направи целосен пресврт со двата гола на Оро, шокирајќи ги домашните фудбалери и навивачи. Згора на тоа, Адеми во првото полувреме заработи повреда и мораше да биде заменет, па сега е крајно неизвесен неговиот настап за македонската репрезентација на стартот од Лигата на Нации.

Бобан Николов одигра 45 минути за Мол Види при ремито од 1-1 во Атина против АЕК, но унгарскиот првак шансите за групната фаза ги загуби уште во првите 90 минути, со поразот на домашен терен од 1-2. Македонскиот репрезентативец доби жолт картон по само седум минути игра, а неговиот тим и покрај обидите за чудо не успеа да стигне до такво нешто против актуелниот шампион на Грција, кој по 12 години пауза повторно ќе биде дел од ЛШ.

Пласман во групната фаза од Лигата на шампионите обезбеди и Ајакс, со ремито од 0-0 на гостувањето против Динамо Киев, по победата од 3-1 на првиот натпревар во Амстердам.

Се вчитува...